Националното студентско тело (НСТ) во Македонија е формирано со цел да ги претставува интересите на студентите на национално ниво и да обезбеди поголема вклученост на студентите во процесите на донесување одлуки кои ги засегаат нивните права и обврски. Создавањето на НСТ е резултат на долгогодишни напори за институционализирање на студентското организирање и зајакнување на гласот на студентите во општеството. Имено, истото се формираше со потпишување на декларацијата во 2024 година, а веќе активно учествува во креирањето на младинските политики во земјата.

Како резултат на зголеменото учество и застапување на студентите преку НСТ, во 2025 година беше донесена промена на законот за субвенциониран студентски оброк, со која се подобри пристапот до оброкот, се зголеми финансискиот износ и се прошири кругот на корисници. НСТ, покрај ова, активно се залага и за усвојување на уште два клучни закони: Законот за студентско организирање, кој треба јасно да ја дефинира структурата, финансирањето и овластувањата на студентските тела, и Законот за студентска работа, со кој ќе се регулираат работните односи на студентите, нивните права, услови за работа и социјална заштита. Овие законски решенија се неопходни за подобрување на положбата на студентите и унапредување на нивниот социо-економски статус.